Свет

СЗО алармира: Над 1.300 починати во Европа поради екстремните горештини!

СЗО алармира: Над 1.300 починати во Европа поради екстремните горештини!

Екстремните горештини што ја зафатија Европа продолжуваат да земаат човечки жртви. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека од почетокот на топлотниот бран се регистрирани повеќе од 1.300 смртни случаи поврзани со високите температури, додека во неколку земји се соборуваат нови температурни рекорди.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека од 21 јуни наваму во Европа се евидентирани повеќе од 1.300 дополнителни смртни случаи како последица на екстремните горештини.

Тој предупреди дека околу 150 милиони луѓе во моментов живеат во услови на високи температури, при што стотици лица го загубиле животот, училиштата во дел од земјите се затворени, а електроенергетските системи се под силен притисок поради зголемената потрошувачка.

Во меѓувреме, Чешка денеска го урна вториот последователен дневен температурен рекорд. Во местото Доксани, северно од Прага, биле измерени 41,1 Целзиусов степен.

Чешкиот хидрометеоролошки институт соопшти дека ова е првпат во официјалната мрежа на метеоролошки станици да биде регистрирана температура повисока од 41 степен.

„Температурата сè уште расте, па можно е ова да не биде највисоката измерена вредност денес“, наведуваат од Институтот.

Метеоролозите предупредуваат дека топлотниот бран ќе продолжи да влијае врз голем дел од Европа и во наредните денови, а здравствените власти повторно апелираат граѓаните да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да посветат особено внимание на повозрасните лица, децата и хронично болните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни