Свет

СЗО: Следната пандемија може да биде уште пострашна

Главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи денеска кажа неколку не многу утешни збора за состојбата со ковид-19 во САД, велејќи за Си-ен-ен дека сегашниот бран „штотуку излезе од контрола од многу аспекти“. СЗО, пак, предвидува дека оваа пандемија не е нужно онаа најстрашната.

Иако декември беше рекорден во однос на смртните случаи, Фаучи рече дека се плаши дека јануари ќе биде полош, делумно поради масовните празнични патувања.

„Треба само да претпоставиме дека ќе се влоши“, рече тој.

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден денеска во Делавер се очекува подетално да ги изнесе своите планови за забавување на ширењето откако ќе ја преземе функцијата. Бајден веќе планира да изврши притисок за 100-дневен период на носење маска во САД.

Фаучи го искоментира и тоа.

„Она што тој го зборува е ајде да одвоиме најмалку 100 дена и сите, секој можен човек да ја батали онаа глупост дека носењето маски е политички став“, рече тој за Си-ен-ен. „Знаеме што функционира. Знаеме дека функционира социјалното дистанцирање. Знаеме дека функционира избегнувањето гужви. Ајде побогу сите да го сториме тоа, и ќе видите дека кривата ќе се намали“, рече тој.

И Светската здравствена организација во понеделникот изнесе мрачно предупредување. Иако е страшна, оваа пандемија „не е нужно онаа големата“, рече функционер на СЗО, туку е само „повик за будење“ за светот да ги засили подготовките и да ги подобри практиките на јавното здравство. Светот мора да научи да живее со ковид-19.

„Судбината“ на вирусот е да стане ендемичен, дури и откако вакцините почнаа да се шират во САД и Велика Британија, рече професорот Дејвид Хејман, претседател на стратегиската и техничка советодавна група на СЗО за инфективни ризици.

„Светот се надеваше на имунитет на стадо, дека преносот некако ќе се намали ако доволно луѓе станат имуни“, рече тој на последниот брифинг за СЗО за медиумите за 2020 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни