Тага пред празниците: Почина Крис Риа – легендата што секој Божиќ нè „возеше дома“

Светот на музиката остана посиромашен за еден од најпрепознатливите рапави гласови на рок сцената. На 74-годишна возраст почина британскиот кантавтор Крис Риа, човекот кој на светот му ги подари безвременските хитови „The Road To Hell“, „Josephine“ и секако, неофицијалната химна на празничните патувања – „Driving Home for Christmas“.

Судбината сакаше тој да замине токму во деновите кога неговиот најголем хит се врти на сите радио станици ширум светот.

Се вчитува...

Замина мирно, опкружен со семејството

Според соопштението од семејството, музичарот ја загубил битката по кратко боледување.

„Тој почина денес мирно во болница, опкружен со своето семејство“, соопштија неговата сопруга и двете ќерки.

Риа со години водеше тешки здравствени битки. Уште во 2001 година му беше дијагностициран рак на панкреасот, по што следеше сложена операција за отстранување на панкреасот, но тој продолжи да твори и да настапува и покрај предизвиците.

Од комбе за сладолед до светските топ листи

Животната приказна на Риа е филмска. Роден е во Мидлсбро во 1951 година, во семејство со италијански и ирски корени кое се занимавало со производство на сладолед. Тој бил толку вклучен во семејниот бизнис што дури и возачкиот испит го полагал во комбето за сладолед на татко му.

Музиката ја открил релативно доцна – својата прва гитара ја купил дури во раните 20-ти години, но тоа не го спречило да стане виртуоз на слајд-гитара.

Остави 25 албуми и вечни хитови

Неговата кариера траеше речиси пет децении. Сними 25 соло албуми, од кои два се искачија на самиот врв на британските топ листи.

Иако „Fool (If You Think It’s Over)“ беше неговиот прв голем пробив, а „The Road to Hell“ неговото ремек-дело, Крис Риа засекогаш ќе остане запаметен по „Driving Home for Christmas“ – песната која секој декември буди носталгија кај милиони луѓе што патуваат кон своите домови.

Овој Божиќ, песната ќе звучи потажно од кога било.