Тајланд ја нападна Камбоџа

Тајланд денеска изврши воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа, откако двете земји се обвинија меѓусебно за прекршување на договорот за прекин на огнот во кој посредуваше американскиот претседател Доналд Трамп.

Тајландската армија соопшти дека воздушните напади биле изведени откако еден тајландски војник загинал, а четворица биле ранети во судири долж нестабилната граница меѓу двете земји, пренесува „Гардијан“.

Тајландското воено воздухопловство соопшти дека користи борбени авиони за напади врз воени цели во неколку области, обвинувајќи ја Камбоџа дека мобилизира тешко вооружување и ги прегрупира своите борбени единици.

Камбоџанското Министерство за национална одбрана го обвини Тајланд за најновата ескалација, наведувајќи дека тајландските сили утрово започнале напад врз камбоџанските трупи, а дека Камбоџа не возвратила, и покрај провокативните акции во изминатите денови.

Судирите ескалираат само шест недели по посредувањето на Трамп во потпишувањето на договорот за прекин на огнот.

Досега најмалку 48 луѓе загинале во конфликтите, а 300.000 биле принудени да ги напуштат своите домови.