Таравари: Нема лекарска грешка во случајот со починатото седуммесечно бебе

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговорајќи на новинарско прашање изјави дека го прочитал извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника во Скопје, и во него е констатирано дека нема лекарска грешка.

-Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделник. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка, рече Таравари на денешната прес-конференција.

Прашан каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено подоцна на Клиниката.

-Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка, додаде Таравари.

Седуммесечно бебе починало на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника по трагичниот случај со седуммесечно бебе кое почина, а инспекторатот предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.

Според информациите, на 11 декември, во вечерните часови, бебето повторно било донесено на Детската клиника и поради влошената клиничка слика било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември, по натамошно влошување на здравствената состојба, бебето било трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.

Откако во јавноста се појави веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, истакна дека сите процедури и третмани биле спроведени согласно стандардите и дека нема лекарска грешка. Тој додаде дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал, кој се обидува да го изврши својот труд во најдобар можен начин.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното