Таравари удира по „Безбеден град“: Се крши Законот за јазици, казните се превисоки – следува иницијатива до Устав

Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари излезе со остри критики за начинот на кој се спроведува проектот „Безбеден град“. Според нив, имплементацијата од страна на коалицијата ВМРО-ВЛЕН-ЛЕВИЦА е селективна, дискриминаторска и спротивна на Уставот.

Од партијата сметаат дека проектот, наместо да ја зголеми безбедноста, отвора сериозни правни и социјални прашања кои удираат по џебот на граѓаните.

Се вчитува...

„Казните стигнуваат само на македонски?“

Една од главните забелешки на таборот на Таравари е непочитувањето на двојазичноста. Тие тврдат дека официјалната комуникација и казните не се целосно достапни на албански јазик.

„Официјалната комуникација со граѓаните, вклучително и известувањата и санкциите… се спроведува без целосно почитување на јазичните права на граѓаните Албанци, што претставува кршење на законските и уставните принципи“, реагираат од АА.

Економски удар и селективност

Покрај јазичните забелешки, партијата бара итни промени во казнената политика:

  • Преиспитување на висината на казните: Сметаат дека глобите се непропорционални и претставуваат економски товар.
  • Праг на толеранција: Бараат поголема флексибилност при санкционирањето.
  • Дискриминација по градови: Според нив, неправедно е системот да се применува само во одредени градови, додека други се изоставени.

Случајот ќе оди на Уставен суд

Поради овие пропусти, крилото на Таравари најави правна битка.

„Најавуваат дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за прекршоци, со цел заштита на правата на граѓаните и обезбедување еднаквост пред законот“, стои во соопштението.