„Татко ти полицаецот те учел да удираш по бубрези“ – нови снимки од насилството на Стојанче Јовановски

Во продолжението на судскиот процес против Стојанче Јовановски, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинителката Адела Бојчевиќ изведе повеќе материјални докази, меѓу кои и видеоснимки кои, според обвинението, го документираат континуираното семејно насилство врз неговата сопруга Ивана Јовановска.

Случајот се однесува на трагедијата од 2 март 2026 година, кога Ивана Јовановска го загуби животот по пад од шести кат во скопската населба Тафталиџе, при што животот го загуби и нејзината шестгодишна ќерка Катја.

На Стојанче Јовановски му се суди за три кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.

ПРВА СНИМКА – СЕМЕЈНА РАСПРАВИЈА ПО ПРИЈАВА НА 112

Првата видеоснимка, направена на 10 февруари годинава од мобилен телефон на обвинетиот, е снимена непосредно по тоа што Ивана пријавила семејно насилство на 112.

На снимката се гледа како Ивана стои во ходник пред станот, видно вознемирена, со скрстени раце и плаче. Таа му се обраќа на сопругот со зборовите:

„Не ме удирај веќе“, по што повторно се држи за главата и плаче.

Обвинетиот одговара: „Добро, не те удирам“.

Ивана потоа повторно реагира:

„Зошто ме удираш, зошто ме удри, ајде кажи ми?“

Во снимката, според прикажаното во судница, Стојанче Јовановски се смее, додека таа плаче и повторува дека била физички нападната.

Во еден момент, Ивана со раката се држи кај пределот на бубрезите и повторно прашува зошто е удирана.

Обвинетиот ја исмева и со ироничен тон коментира:

„Еве кај ме удри“, додека, според обвинителството, го имитира нејзиното движење.

Ивана во текот на снимката наведува дека насилството го пријавила во полиција.

ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА И ОПИС НА НАСИЛСТВО

Во истата снимка, Ивана упатува и сериозни обвинувања кон сопругот, поврзани со дрога и неговото однесување:

„Дрогата ти го исуши паметот, се утепа од дрогирање, со дрога во гепек те фатија, глумиш дека не е твоја зашто не ти се оди во затвор“, вели таа.

На ова, обвинетиот реагира со контраобвинувања, тврдејќи дека заедно со трето лице, Мартин Саздов, му била подметната дрога во автомобилот, при што упатува и навреди кон сопругата.

ВТОРА СНИМКА – ПОВТОРНА РАСПРАВИЈА И ОБВИНУВАЊА

На вториот видео-запис, Ивана повторно се гледа во ходникот пред станот, вознемирена и расплакана, додека Стојанче Јовановски ја снима и се смее.

Таа повторно го обвинува:

„Што да ти се тргнам, што ме тепаш цело време?“

Во текот на снимката, Ивана ја поткрева блузата, ја спушта и повторно упатува обвинувања дека била удирана, додавајќи:

„Сега викна полиција и чекај си ја, да им кажеш што имаш направено, зашто ме истепа“.

ОПИС НА НАСИЛСТВО И ПОВИКУВАЊЕ НА ПОЛИЦИЈА

Ивана во снимката наведува и детали за претходни инциденти:

„По бубрези ме маваш зашто сам ми имаш кажано дека татко ти мавал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава“, вели таа.

Таа додава и дека била турната по скали и завршила во болница, како и дека повеќепати пријавувала семејно насилство.

СНИМКИ ОД ДЕНОТ НА ТРАГЕДИЈАТА

Обвинителството презентираше и видеоснимки од денот на трагичниот настан, на кои се гледа како Стојанче Јовановски заедно со Ивана Јовановска и Мартин Саздов пристигнуваат во близина на Кривичниот суд околу 11:30 часот.

На снимките, според обвинението, Јовановски гестикулира, вика и ја удира Ивана со шлаканица.

По инцидентот, Ивана повикува полиција, а на местото пристигнуваат полициски службеници кои разговараат со присутните. По кратка постапка и потпишување документи, сите заедно заминуваат со возилото.

ВЕШТАЧЕЊА И ДРУГИ ДОКАЗИ

Во судница беа презентирани и психолошко-психијатриски вештачења, според кои постои јасна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство и психичката состојба на Ивана Јовановска.

Обвинителството достави и обемна документација, меѓу која:

податоци од мобилен телефон на обвинетиот

договор за дар на стан

обдукциски извештаи за Ивана и Катја

извештаи од Центарот за социјални работи Скопје

медицинска документација

извештаи од претрес на стан