Таткото и двете ќерки од Крива Паланка добија осумдневен притвор

Таткото сопственик на повеќе од 500 крави и неговите две ќерки заминуваат во осумдневен притвор. Обвинителството претходно соопшти дека ОЈ Крива Паланка ќе покрене постапка против три лица за кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Според истрагата, осомничените – таткото и двете ќерки – на 2 декември со употреба на сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои постапувале со полициска асистенција, да спроведат правосилно решение за одземање крупен добиток.

Јавниот обвинител поднесе предлог до надлежниот суд за определување притвор за сите тројца, наведувајќи опасност од бегство и ризик од повторување на делото.

Од обвинителството дополнуваат дека однесувањето на осомничените укажува на долгогодишен проблем, бидејќи и покрај бројните интервенции на државните органи, тие продолжувале да го вознемируваат локалното население и соседите. Сега, како што велат, започнале и со дејствија на спречување службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство и полициски службеници при извршување службени задачи.