Авионската компанија Alaska Airlines во четвртокот ги приземји сите свои летови низ Соединетите Американски Држави поради технички проблеми кои го зафатија нивниот информатички систем, пренесува BBC News.
Одлуката за привремено запирање на полетувањата била донесена откако компанијата открила системски дефект.
Во официјалното соопштение, американскиот авиопревозник наведе дека се „соочува со ИТ дефект што влијае на операциите“, поради што е издадена привремена забрана за полетување.
Компанијата не прецизираше колку долго ќе трае прекинот, ниту колкав е точниот број летови погодени од оваа мерка, но потврди дека интензивно работи на повторно воспоставување на операциите.
Според известувањето на Федералната управа за авијација (FAA), забраната за полетување се однесувала и на Horizon Air, регионална авиокомпанија што е под управување на Alaska Airlines.
Alaska Airlines, со седиште во Сиетл, претежно лета по западниот брег на САД, а според податоците на нивната веб-страница, опслужува 140 дестинации во 12 земји. Минатата година компанијата се спои со Hawaiian Airlines, кој, според достапните информации, не бил погоден од овој проблем.
Сличен проблем во јули
Ова е втор значаен ИТ дефект што ја погоди Alaska Airlines годинава. Во јули, сличен проблем ги приземји нивните авиони на околу три часа.
Воздушниот сообраќај во САД последните недели и онака е отежнат поради делумното затворање на американската влада, кое започна на почетокот на месецот. Недостигот на контролори на летање, кои не се појавиле на работа, предизвика доцнења на неколку големи аеродроми.