„Тему“ манијата ги преплави поштите: Пакетите скокнаа за 35%, но граѓаните се жалат – пратките доцнат, а дел и се губат!

Експлозија на онлајн трговијата во Македонија. Во првата половина на 2025 година, бројот на пакетски услуги пораснал за вртоглави 35 отсто, поттикнат пред сè од глобалните платформи како „Тему“. Но, со зголемениот обем на работа, драстично скокна и незадоволството кај граѓаните.

Агенцијата за пошти денеска презентираше извештај кој открива дека системот е под притисок – бројот на рекламации е зголемен речиси трипати.

Се вчитува...

„Тему“ направи бум, конкуренцијата се шири

Директорката на Агенцијата, Марина Тоневска, потврди дека токму „Тему“ пратките годинава направиле вистински „бум“ и ја натерале приватната конкуренција да се шири и да вработува повеќе доставувачи.

„Приватната конкуренција никогаш досега немала толку густо развиена поштенска мрежа низ државата. Тему пратките ја поттикнаа искусната конкуренција да се позиционира сè поблиску до граѓаните“, истакна Тоневска.

Вкупниот обем на поштенски услуги е зголемен за 6,8%, но пазарот е динамичен – издадени се 8 нови овластувања (две за нови компании, шест за проширување на постојни), додека 7 даватели го напуштиле пазарот (тројца доброволно, на четворица им е одземена дозволата).

Додека бизнисот цвета, квалитетот на услугата „куца“. Статистиката за жалбите е алармантна:

  • Лани (прво полугодие): 910 поплаки.
  • Годинава (прво полугодие): Над 2.600 поплаки.

На што се жалат Македонците?

  1. Најчесто: Пречекорување на рокот за достава.
  2. 30% од жалбите: Оштетени или целосно изгубени пратки.

Агенцијата за пошти најави и бескомпромисна битка со сивата економија. Спроведени се 46 надзори, дел во соработка со МВР и Царина, за да се сузбие нелојалната конкуренција и дивите доставувачи кои работат без лиценца.

Во моментов на пазарот активно работат 30 оператори – Македонска пошта и 29 приватни компании.