Главните пратенички групи во Европскиот парламент (ЕП) денеска соопштија дека се одложува ратификацијата на трговскиот договор со САД, по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини поради спорот со земјите од ЕУ околу Гренланд, пишува францускиот весник Монд.
Договорот во јули минатата година го потпишаа Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Тоа е исклучително моќно средство, не мислам дека (американските) компании би се согласиле да се откажат од европскиот пазар“, изјави Валери Хајер, претседателка на групата Обновиме Европа (Renew Europe).
Кон крајот на минатата недела ваква одлука навести и претседателот на Европската народна партија (EPP), Манфред Вебер.
Тој посочи дека ескалацијата на тензиите меѓу САД и Европа значи дека парламентот нема да гласа за договорот, со кој американските царини на увоз од ЕУ се утврдуваат на 15 проценти, во замена за тоа што ЕУ нема да применува царини на американски извоз.
„ЕПП е за трговски договор ЕУ–САД, но со оглед на заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрување не е возможно во оваа фаза. Царините од нула проценти за американските производи мора да бидат ставени во мирување“, наведе Вебер.
Потпретседателката на групата Социјалисти и демократи задолжена за трговија, Катлин ван Бремт, се приклучи на повиците за употреба на Инструментот против принуда.
„Едноставно е скандалозно што Доналд Трамп користи царини и економски закани за да наметне нелегитимно територијално барање… Ако ова не е принуда, тогаш што е?“, наведе Ван Бремт во соопштение.
Трамп се закани дека ќе воведе царини за шест земји од ЕУ, вклучително и Франција и Германија, затоа што одбиле да го поддржат планот САД да преземат контрола врз Гренланд.
На повикот за употреба на Инструментот против принуда на ЕУ, таканаречената „трговска базука“, се приклучи и францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој денеска на Светскиот економски форум во Давос изјави дека Европската унија „не треба да околева“ да го примени.
„Инструментот против принуда е силен и не треба да околевавме да го примениме во денешната сложена средина“, рече Макрон во Давос.
ЕУ во 2023 година го воведе Инструментот како одговор на користењето на трговски рестрикции од Кина кон Литванија и Норвешка, како и поради претходни притисоци од САД.
Инструментот содржи широк спектар на мерки, кои подразбираат ограничување на пристапот до пазарот на ЕУ, опфаќајќи стоки, услуги, странски директни инвестиции, јавни набавки, финансиски пазари, контрола на извоз и друго.
