Во живо Отворено студио Избори Србија 2026 Гледај
Балкан

Тесна трка во Бугарија: Јотова со мала предност пред Ѓуров, се очекува втор круг

Тесна трка во Бугарија: Јотова со мала предност пред Ѓуров, се очекува втор круг

Тесна трка за претседателската функција во Бугарија – Илијана Јотова има мала предност пред Андреј Ѓуров и двајцата се очекува да се соочат во вториот круг. Ова го покажуваат излезните анкети објавени од бугарските медиуми и истражувачки агенции.

Според излезната анкета на „Алфа Рисрч“, објавена од Бугарската национална телевизија (БНТ), до 19 часот по локално време Јотова освоила поддршка од 35,3 отсто од гласачите, додека Ѓуров добил 32,4 отсто.

Јотова е поддржана од партијата на премиерот Румен Радев, додека Ѓуров ја има поддршката на прозападната опозиција во Бугарија. Неговото пласирање во вториот круг беше очекувано според дел од предизборните истражувања, но тесната разлика меѓу двајцата кандидати не беше предвидена во сите анкети.

Така, според едно од истражувањата на агенцијата „Тренд“, на Јотова ѝ се предвидувала поддршка од 45,9 отсто, наспроти 27,8 отсто за Ѓуров.

Зад водечките кандидати се наоѓа Костадин Костадинов со 12,6 отсто од гласовите, според проценките на „Алфа Рисрч“. Следуваат Радостин Василев со 4,1 отсто, Ивелин Михајлов со 3,5 отсто и Иван Христанов со 2,2 отсто.

Излезната анкета покажува и ниска излезност на изборите. Според „Алфа Рисрч“, до 19 часот на гласање излегле 22,3 отсто од избирачите.

Резултатите се првични проценки од излезна анкета, а конечната распределба на гласовите ќе биде позната по обработката и објавувањето на официјалните изборни резултати.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни