Македонија

Тетовец возел 179 километри на час на место со ограничување 80, полицијата му го одзеде возилото

Тетовец возел 179 километри на час на место со ограничување 80, полицијата му го одзеде возилото

Опасно брзо возење е регистрирано на патниот правец Тетово-Гостивар, каде 27-годишен возач бил фатен како управува возило со речиси 100 километри на час над дозволената брзина.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил откриен на 12 јули 2026 година околу 19:35 часот, во близина на клучката Врапчиште.

Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи, со помош на специјално возило пресретнувач, измериле дека возилото се движело со брзина од 179 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина била 80 километри на час.

По насоки на јавен обвинител, од слобода бил лишен возачот Л.М. (27) од Тетово.

Возилото кое го управувал – „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки – било одземено за понатамошна постапка.

Од МВР информираат дека против возачот ќе бидат преземени соодветни мерки и дека ќе одговара согласно член 297-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Полициските контроли за санкционирање на опасното однесување во сообраќајот продолжуваат и во следниот период, со цел зголемување на безбедноста и намалување на ризиците за сите учесници во сообраќајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни