Полицијата во Тетово приведе 48-годишен жител на Долно Седларце, кој е осомничен дека во повеќе наврати барал пари за да не објави приватни фотографии и видеозаписи со експлицитна содржина на жена со која претходно бил во врска.
Од МВР информираат дека З.Ѓ. бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од Отсекот за компјутерски криминал при СВР Тетово, поради сомнение за сторено кривично дело по член 152-а во врска со член 24 од Кривичниот законик.
Случајот бил пријавен вчера од жена од Тетово, која навела дека З.Ѓ. и уште едно лице без нејзина согласност споделиле и објавиле нејзини приватни фотографии и видеоснимки со експлицитна содржина. Материјалите, според пријавата, датираат од периодот кога таа била во врска со осомничениот.
Дополнително, жената пријавила дека во изминатите две години З.Ѓ. во повеќе наврати од неа барал парични средства, со закана дека во спротивно ќе ги објави снимките.
По добиена судска наредба, полицијата извршила претрес во домот на осомничениот. При претресот биле пронајдени и одземени мобилен телефон и лаптоп компјутер, кои ќе бидат предмет на понатамошни проверки во рамки на истрагата.
З.Ѓ. е задржан во полициска станица. Од МВР велат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна кривична пријава.