На денешното обраќање, министерот за финансии, Драган Тевдовски истакна дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.
-Во рамки на овие средства предвидено е покачување на платите за 5 % за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, ќе биде вклучено зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите, како и обезбедувањето на средства за претседателски избори во 2019 година.
Во предлог-буџетот за социјални надоместоци планирани се средства во износ од 10,3 милијарди денари, во чии рамки е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување на гарантиран минимален приход, социјална пензија и образовен и детски додаток.
Притоа, покрај покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 16,5 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34,2 милијарди денари. Овие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност, соопшти Тевдовски.
