Тинејџер од Нов Зеланд проголтал 200 магнети, хирурзите му отстраниле дел од цревата

Тринаесетгодишно момче од Нов Зеланд морало хируршки да му се отстрани дел од цревата откако проголтало речиси 200 магнети, пишува ScienceAlert. Според неодамнешниот извештај за случајот, момчето било примено во болницата во Тауранга поради болки во стомакот. Признало дека една недела претходно проголтало околу сто неодимиски магнети, но вистинскиот број извадени од неговото тело бил речиси двојно поголем.

Рендгенските снимки откриле четири ланци магнети распоредени во различни делови од неговите црева. Откако стигнале во дигестивниот систем, малите метални предмети се споиле меѓу себе. За време на операцијата било утврдено дека ланците од тенкото и слепото црево се привлечени еден кон друг, при што го стиснале ткивото меѓу нив.

Ова довело до прекин на дотокот на крв и умирање на неколку делови од цревата, состојба позната како некроза поради притисок. Иако хирурзите морале да отстранат дел од цревото, тинејџерот успешно закрепнал и бил пуштен дома осум дена подоцна.

„Опасност што се продава како играчка“

„Како што покажува овој случај, голтањето на мали, силни магнети е опасно по живот“, изјавила истражувачката по трговско право Алекс Симс од Универзитетот во Окленд.

„Малите силни магнети се продаваат и рекламираат како забавни играчки за возрасни и деца, бидејќи може да се користат за правење различни облици или како антистрес играчки. За жал, често се во вид на мали, шарени топчиња, што ги прави привлечни за децата да ги проголтаат“, објаснува Симс. Во извештајот не е наведено зошто тинејџерот ги проголтал магнетите.

Властите на Нов Зеланд неодамна предупредија и на тренд на социјалните мрежи кој ги поттикнува децата да користат магнети за лажни пирсинзи на јазикот, носот или усните, што може да доведе до несакано голтање со опасни последици.

Забрана што тешко се спроведува

Нов Зеланд уште во 2013 година, по серија хоспитализации, трајно ја забрани продажбата на магнети изработени од неодимиум-железо-бор (NIB). Познати како „магнети од ретки метали“, тие се до 50 пати посилни од обичните железни магнети.

Сепак, момчето лекувано во болницата во Тауранга им кажало на лекарите дека магнетите биле купени преку странска онлајн продавница – Temu. Лекарите што работеле на случајот истакнале дека е загрижувачки колку е тешко да се спроведе новозеландската забрана.

„Иако спроведувањето е проблематично, бидејќи е тешко Трговската комисија да ги истражува и принуди странските интернет-пазари да ја запрат продажбата на мали силни магнети, загрижувачки е ако децата купуваат производи онлајн“, вели Симс.

„Родителите не смеат да дозволат децата без надзор да купуваат работи преку интернет – сите купувања мора да ги вршат или барем надгледуваат родителите.“

Дури и со надзор, несреќи сепак се случуваат. Минатата година девојче на Нов Зеланд проголтало два такви магнета на роденденска забава.

„Кога лекарите ѝ направија рендген, лесно се виде дека магнетите се споиле“, раскажала нејзината мајка.

„Едниот стигнал до цревата, а другиот останал во желудникот. Магнетната привлечност предизвика нивно спојување преку ткивото и руптура на желудникот, поради што мојата ќерка мораше итно да биде оперирана.“

„Достапноста на силни магнети е сè поголема закана за детската популација,“ заклучуваат хирургoвите од болницата во Тауранга во студијата објавена во New Zealand Medical Journal.