Македонија

Томовски во „Ноќно студио“: Граѓаните сликаат службени возила на пазари и пред маркети, институциите мора да казнат

Томовски во „Ноќно студио“: Граѓаните сликаат службени возила на пазари и пред маркети, институциите мора да казнат

Граѓаните се сè поодговорни и редовно пријавуваат нерегуларности кога ќе забележат службени возила со новите препознатливи таблички на необични локации. Ова го истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, каде детално појасни како се процесираат пријавите и со какви изговори најчесто се соочуваат.

Како конкретни примери од практиката, Томовски посочи неколку карактеристични ситуации кои биле документирани и пријавени од страна на совесни граѓани.

„Граѓаните навистина се осмелуваат да пријават. Обично реагираат кога ќе сретнат такво возило на пазарче. За еден таков случај одговоривме дека се работи за возило на Општина Гази Баба, кое било таму за инспекторски надзор на Кванташкиот пазар. Исто така, имавме случај каде службено возило беше сликано пред еден од поголемите маркети во Скопје. Наша задача е да побараме одговор од самата институција за да се утврди дали навистина имало злоупотреба или возилото било на службена задача“, објаснува Томовски.

Кој води во бројот на казни и прекршоци?

На прашањето дали по ваквите пријави се изрекуваат казни, дали се поведуваат дисциплински постапки и дали има институција или функционер што предничи во прекршувањето на правилата, директорот на СОЗР нагласи дека однесувањето е слично речиси кај сите.

„Не би можел да издвојам конкретна институција или функционер што води по бројот на казни. Сите тие ги прават, во основа, сличните грешки“, заклучи Томовски.

Тој уште еднаш потенцираше дека конечниот збор и изрекувањето на дисциплинските мерки остануваат кај раководителите на самите институции кои ги поседуваат возилата, но притисокот од јавноста и видливоста на табличките веќе драстично го стеснуваат просторот за корупција и неодговорно однесување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни