Свет

Топлотниот бран продолжува да ја парализира Европа: издаден е црвен метеоролошки аларм за 15 градови низ Италија, владата издаде и итно соопштение

Топлотниот бран продолжува да ја парализира Европа: издаден е црвен метеоролошки аларм за 15 градови низ Италија, владата издаде и итно соопштение

Во 15 градови ширум Италија е издаден црвен метео аларм, додека екстремно високите температури се шират низ јужна Европа.

Алармот, кој предупредува на ризици дури и за здрави луѓе, ќе важи во наредните денови за некои од главните туристички дестинации, меѓу кои Рим, Фиренца и Болоња.

Следната недела во Европа се очекуваат потенцијално рекордно високи температури бидејќи се приближува нов топлотен бран.

Европската вселенска агенција (ESA) соопшти дека Италија, Шпанија, Франција и Германија би можеле да поминат низ екстремни временски услови.

ESA ја следи температурата на копното и морето преку сателит.

Највисоката температура досега забележана во Европа беше 48,8 степени, измерена на Сицилија во август 2021 година, а синоптичарите велат дека слични температури може да се постигнат и во наредните денови.

Италијанската влада ги советуваше граѓаните во црвените зони да избегнуваат изложување на сонце денеска во периодот од 11 до 18 часот и посебно да се грижат за старите лица или лицата со лоша здравствена состојба.

Во Грција претходните денови беа забележани температури од 40 степени, а Акропол, една од најпопуларните туристички атракции, во петокот беше затворен поради екстремните горештини.

Исто така, постои загриженост дека може да се појават шумски пожари, особено во области со силен ветер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни