Екстремните температури што ја зафатија Европа оставија сериозни последици во Шпанија, каде што во текот на минатиот месец биле регистрирани 1.028 смртни случаи поврзани со топлотниот бран.
Најголем број жртви се евидентирани во регионите Каталонија, Баскија, Кастиља и Леон, Мадрид и Андалузија, покажуваат податоците од надлежните институции.
Бројката е речиси двојно поголема во споредба со истиот период минатата година, кога во јуни 2025 година биле регистрирани 407 смртни случаи поврзани со високите температури.
Според Министерството за здравство на Шпанија, на 23 јуни бил измерен најтоплиот јунски ден досега, со просечна температура од 29,6 степени Целзиусови на ниво на целата земја.
Поради екстремните горештини, околу 35,7 милиони луѓе, односно приближно 73 проценти од населението, се нашле во области каде што биле издадени предупредувања за опасно високи температури.
Метеоролозите предупредуваат дека оваа година Шпанија веќе имала 42 дена со невообичаено високи температури. Во повеќе градови температурата надминала 40 степени, а највисока вредност од 45,1 степени била измерена во Андухар, во регионот Андалузија.
Експертите посочуваат дека топлотните бранови стануваат сè почести и поинтензивни, со зголемен ризик за здравјето на населението, особено кај постарите лица и хронично болните.