Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски одговарајќи на пратеничко прашање на Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија во врска со почитувањето на роковите на ресорното Министерство во однос на издавањето лични документи за турски државјани изјави дека МВР не смее и не може да издаде било каков акт, кој претходно поставува согласност од друга институција, која е поврзана со конкретни надлежности за проверки и постапува исто со сите баратели кои се по потекло од Македонија, па и со оние што сега живеат во Република Турција.
– За овие постапки за МВР да постапи позитивно мора да има позитивен одговор од страна на сите други надлежни институции. Нашето постапување во конкретната ситуација е суштински поврзано со претходни чекори, кои треба да се преземат од страна на други институции од кои зависи одговорот што ќе го даде и МВР. Како и во сите други постапки, кои ги преземаме согласно закон, така и во оваа постапуваме согласно утврдените рокови, по обезбедување на претходните документи согласности и потребни лични податоци за секој од барателите од страна на надлежни институции, рече Тошковски.
Тој потсети на состојбата која ја наследил во МВР со немањето обрасци за лични документи.
-Согласно закон немаше овозможени обрасци за македонските државјани, кои се декларираат како турци. Ги овозможивме обрасците и сега се издаваат македонските пасоши и на турски јазик. Околу 9.000 барања се поднесени изминатите четири години, рече Тошковски.