Македонија

Тошковски: Приведно е лицето кое го навела Арсовска, си замина од станица без да потпише записник

Тошковски: Приведно е лицето кое го навела Арсовска, си замина од станица без да потпише записник

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва во интервју за централниот Дневник на ТВ Сител изнесе нови детали поврзани со инцидентот во кој градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска при увид на дивоградба во Чаир, тврди дека била физички и вербално нападната.

Според Тошковски, лицето кое Арсовска го посочила како напаѓач, како и уште две лица кои вербално ја навредувале, се приведени и задржани во полициска станица. За случајот е информиран јавен обвинител кој дава насоки за понатамошното постапување.

Но, министерот упати и сериозни сомнежи, посочувајќи дека треба да се почекаат сите факти, за – како што рече – „да не излезе дека оној што се претставува како жртва, е всушност тој што го предизвикал физичкиот напад.“

„Да зборуваме со факти. Полицијата пристигнала на местото веднаш по пријавата. Г-ѓата градоначалничка не дошла веднаш во станица, а кога конечно пристигнала, не го потпишала записникот. Во меѓувреме објавуваше на социјалните мрежи, а во болница ѝ била констатирана лесна телесна повреда – црвенило на левата потколеница“, изјави Тошковски.

Дополнителен сомнеж предизвика и видеоснимка која се појави на неколку портали, наводно снимена од надзорна камера, на која се гледа жена како со клоца удира машко лице. Иако лицата не се јасно видливи, медиумите шпекулираат дека станува збор за Арсовска. Министерот рече дека снимката лично не ја видел, но дека има сознанија дека настанот „можеби не е онаков каков што е претставен во јавноста“.

„Дошла во полициска станица, била примена од страна на полициските службеници, отпочнале со полициски дејствија. Меѓувремено контактирале јавен обвинител. Лицето коешто го навела како такво е приведено е во полициска станица, и плус други две лица коишто вербално се заканувале. И пазете сега. При составување на записникот и примање на пријавата од страна на госпоѓата, истата станала и си отишла. Не потпишала записник. Замислете“, изјави Тошковски.

Како што вели, ако се утврди дека полициски службеници не реагирале, тие ќе бидат санкционирани, но да не испадне дека вистината е сосема поинаква.

Министерот изрази жалење за целиот случај, нагласувајќи дека секој напад врз жена – особено врз функционер избран на избори – мора да се осуди, но додаде:

„Да не се покаже дека сето ова е добро осмислено сценарио, политички циркус за нечиј интерес. Претпоставувам, не тврдам.“

Случајот сè уште се истражува, а јавноста со нетрпение очекува објавување на сите снимки и официјални заклучоци. Арсовска засега нема дадено нова изјава по интервјуто на министерот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни