Тошковски: „Сејф Сити“ не е за парично да ги оштети граѓаните туку да спаси живот повеќе!

Системот „Безбеден град“ не е воведен со цел финансиски да ги оптовари граѓаните, туку како мерка за зголемување на безбедноста и спасување човечки животи. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вчерашното гостување во Дневникот на Македонската телевизија, појаснувајќи ги измените поврзани со толеранцијата при мерењето на брзината.

Министерот посочи дека во почетниот период од примената на системот имало голем број реакции од јавноста поради отсуство на јасно дефинирана толеранција при опоменувањето на возачите. Како одговор на тие забелешки, во рамки на важечката законска регулатива биле воведени дозволени отстапки, кои сега дополнително се прецизирани со изменет правилник што стапил во сила.

Според новите правила, за брзини до 50 километри на час останува толеранција од 6 km/h. Тоа значи дека, на пример, на сообраќајница со ограничување од 30 km/h, камерата нема да евидентира прекршок доколку возилото се движи со брзина до 36 km/h, а санкционирањето ќе започне од 37 km/h.

За делниците каде што дозволената брзина е меѓу 50 и 100 km/h, законската толеранција изнесува 9 km/h. Практично, ако е дозволено движење до 50 km/h, системот ќе испрати известување и ќе санкционира доколку возилото се движи со 60 km/h. Кај патиштата со ограничување од 100 km/h, толеранцијата е зголемена на 12 km/h, што значи дека прекршок ќе биде регистриран при брзини од 113 km/h и нагоре.

Тошковски нагласи дека овие толеранции се утврдени со правилник кој е во надлежност на Министерството за енергетика, а измените се направени во консултација со експерти, универзитетски професори и претставници од надлежните институции. Според него, станува збор за прифатливи мерки кои треба да овозможат системот целосно да заживее, со фокус на превенција, а не на казнување.

Во таа насока, министерот најави и нов проект кој во наредните денови ќе се реализира со поддршка на Македонски Телеком. Станува збор за испраќање информативни пораки до возачите кои ја пречекориле дозволената брзина, но се движеле во рамки на законската толеранција. Во овие случаи нема да се изрекуваат парични казни, туку граѓаните ќе бидат предупредени дека и покрај дозволеното отстапување, ја надминуваат пропишаната брзина.

Министерот потенцираше дека ваквото предупредување има превентивна улога, но и дека толеранцијата не значи ослободување од одговорност. Доколку возач, иако во рамки на толеранцијата, предизвика сообраќајна незгода со тешки последици, ќе сноси кривична одговорност.

„Целта е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди и помалку загубени човечки животи“, порача Тошковски, нагласувајќи дека „Безбеден град“ треба да се гледа како систем за заштита, а не како инструмент за казнување.