Македонија се соочува со целосен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини. Од утре напладне (понеделник), околу 370 камиони ќе ги блокираат излезите од државата, а од полноќ ќе бидат блокирани и влезните терминали. Ова е радикалната мерка што ја најави Асоцијацијата „Макамтранс“ како одговор на новите правила на ЕУ.
Што е проблемот? – Камионџиите третирани како туристи
Причината за револтот се новите правила за влез и излез во Шенген-зоната. Според нив, професионалните возачи од Западен Балкан се третираат како обични туристи, што значи дека имаат право на престој во ЕУ од максимум 90 дена во период од 180 дена. Ова практично значи дека возачите, откако ќе ги искористат овие денови, со месеци нема да можат да ја работат својата работа.
Муратовска: Ова води кон економски колапс
Билјана Муратовска од „Макамтранс“ предупредува дека последиците ќе бидат катастрофални – од зголемување на цените на производите до преселување на фирмите во странство.
„Не сакаме да нанесуваме штета ни на себе ни на стопанството. Ќе се соочиме сите како регион голем број од превозниците да бараат решение со префрлање на капиталот во други држави од ЕУ, што би довело до колапс на целото стопанство“, изјави Муратовска.
Кои премини ќе бидат блокирани?
Блокадата ќе ги опфати сите клучни точки за товарен сообраќај:
- Кон Бугарија: Деве Баир, Делчево, Ново Село.
- Кон Грција: Дојран, Богородица, Меџитлија.
- Кон Албанија: Ќафасан, Блато.
- Кон Косово: Блаце.
ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Патничкиот сообраќај нема да запре
Од МВР смируваат дека блокадата се однесува строго на комерцијалниот транспорт. Нема да има блокада за:
- Патнички возила и автобуси.
- Возила кои превезуваат лекови и жива стока.
- Пратни со опасни материи и други приоритетни пратки.
Регионален бунт
Протестот не е изолиран случај. Македонските превозници се координирани со колегите од Србија, БиХ и Црна Гора, кои исто така ги блокираат премините кон ЕУ, а поддршка имаат и од Албанија, Косово и Турција.
Предвидено е блокадите да траат 7 дена, но превозниците најавуваат дека ќе ги повлечат камионите веднаш штом добијат сигнал дека надлежните почнуваат преговори за решавање на проблемот.
