Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти покрај брегот на Крит, објави денеска грчката јавна телевизија ERT News.
Двајца преживеани им рекле на спасувачите дека ја изгубиле контролата над бродот за време на бура, поради што останале на отворено море без вода и храна.
Сè уште не е познато од каде потекнуваат мигрантите, а форензичарите и истражителите се обидуваат да утврдат што точно се случило на бродот.
Моќна бура беснее во морето околу Крит, со налети на ветер посилни од 90 километри на час.
Криумчарски банди повторно испраќаат мигранти по опасната рута од Тобрук во Либија кон Крит. Речиси 17.000 мигранти пристигнале на овој грчки остров до почетокот на декември годинава, според Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).