Се стравува дека најмалку 100 лица загинале во уривањето на рудник за злато во нигериската држава Замфара, соопштија денес преживеани и локалното население.
Рударско окно во наоѓалиштето Кадаури во областа на локалната самоуправа Мару се урна вчера додека десетици рудари работеа под земја, изјавија очевидци за Ројтерс. Спасувачките операции продолжија и денес.
Сануси Аувал, локален жител кој учествува во спасувачките операции, рече дека од урнатините се извлечени најмалку 13 тела, вклучувајќи го и телото на негов роднина.
„Имавме среќа што бевме спасени. Од повеќе од 100 луѓе, само 15 од нас беа спасени“, рече Иса Сани, кој моментално е на лекување од повредите.
Мухамеду Иса од Здружението на рудари од државата Замфара го потврди инцидентот и додаде дека некои спасувачи се задушиле додека се обидувале да ги извлечат жртвите.
Нелегалното рударство на злато е честа појава во Замфара, каде што вооружени банди често ги контролираат наоѓалиштата, поттикнувајќи насилство и смртоносни несреќи.