Трамп бесен: Ќе видиме како ќе го води Њујорк еден комунист

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, но истовремено нагласи дека Мамдани ќе мора да покаже „голема почит“ кон Вашингтон доколку сака да постигне успех.

Овие изјави Трамп ги даде откако Мамдани ги претстави членовите на својот тим, недолго по историските избори на кои стана првиот муслимански и јужноазиски градоначалник на најголемиот град во САД.

Реагирајќи на изјавите на Мамдани по изборната ноќ, во кои тој вети дека ќе му се спротивстави на Трамп, американскиот претседател ги оцени тие коментари како „опасни“.

„Тој мора да покаже малку почит кон Вашингтон, затоа што ако не го направи тоа – нема шанси да успее. А јас сакам да успее. Сакам градот да успее“, изјави Трамп, појаснувајќи дека сака успех за Њујорк, но не нужно и за самиот Мамдани.

Претходно во средата, Трамп сугерираше дека неговата администрација ќе му помогне на новиот градоначалник, иако го нарече „комунист“.

„Комунистите, марксистите и глобалистите ја имаа својата шанса и донесоа само катастрофа. Сега да видиме како еден комунист ќе го води Њујорк. Ќе видиме како ќе заврши тоа“, рече Трамп на состанок на Американскиот бизнис форум во Мајами, Флорида.

Мамдани ја отфрла етикетата

Мамдани, чија програма предвидува бесплатна универзална грижа за децата, бесплатен јавен автобуски превоз и државни продавници за храна, ја отфрли етикетата „комунист“, опишувајќи се себеси како демократски социјалист.

Во говорот во кој ги претстави своите приоритети, Мамдани – кој треба да ја преземе функцијата на 1 јануари – повтори дека ќе му се спротивстави на Трамп, но и изрази подготвеност за дијалог со неговата администрација.

„Нема да бирам зборови кога станува збор за претседателот Трамп. Ќе продолжам да ги опишувам неговите постапки такви какви што се, но секогаш ќе оставам отворена врата за дијалог“, порача Мамдани.