Трамп „дојде“ во Вевчани: Имало големи резерви на течно злато, ракија, а да донесеме и демократија

Вевчани денеска е повторно отворена сцена на сатирата, хуморот и „суровата“ вистина. Илјадагодишната традиција продолжи со несмален интензитет – василичарите преку маски ги „поткачија“ сите: од домашните судии, преку мигрантите и руската војска, па сè до американскиот претседател.

Никој не беше поштеден. Низ тесните улици на Горно и Долно Маало дефилираа маски кои ги отсликуваат секојдневните апсурди, но и глобалните геополитички потреси.

Се вчитува...

„Дојдовме да донесеме демократија“

Ѕвезда на денот беше маската на американскиот претседател Доналд Трамп, кој имаше и специјална задача – да го пречека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. „Трамп“ имаше јасен план за Вевчани:

„Дојдовме да го земиме Вевчани, имало големи резерви на злато, течно злато – ракија, и да донесеме демократија во Вевчани“, порача маската на американскиот претседател.

Љутков: Ова е фестивал на слободната мисла

Министерот Љутков, прифаќајќи го хуморот, истакна дека Вевчанскиот карневал има посебно место во македонската култура токму поради својата храброст.

„Овој фестивал ја третира слободната мисла, хуморот и сатирата. Најважно е што дава критика на она што моментално се случува во општеството, не само во македонското, туку и во целиот свет“, изјави Љутков.

„Ова е филм, а не навреда“

Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, објасни дека карневалот е еден вид театар на отворено и никој не треба да се лути на пораките.

„Доколку има некое недолично однесување, тоа е исто како да снимате филм за Втората светска војна – ако некој е негативец, не можете да го уапсите. Ова е драма и нема навредување. Убавината е во хуморот и добрата мисла“, вели Кочовски.

Традиција стара 14 века

Покрај модерните политички маски, не изостанаа и традиционалните: „Зетот и невестата“, „Ѓаволите“ и „Глупавите Августи“. Карневалот, кој се верува дека е стар 1.400 години и има пагански корени за бркање на злото, утре (14 јануари) ќе заврши со традиционалното Василичарско оро и палење на маските, со што се верува дека се уништува злото од изминатата година.