Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека претставниците на Украина и Русија ќе се сретнат утре на Минхенската безбедносна конференција.
„Утре, 14 февруари, ќе има состанок во Минхен. Русија ќе биде таму со нашите претставници. Инаку, поканета е и Украина. Не сум сигурен кој ќе ја претставува која земја. Но ќе има високи функционери од Русија, Украина и Соединетите Американски Држави“, изјави Трамп во Белата куќа, пренесе Ројтерс.
Трамп не сакаше да соопшти повеќе детали за оваа средба.
Американското национално јавно радио (НПР) претходно објави дека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио утре ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Во главниот град на Баварија утре почнува 61. Минхенска безбедносна конференција (МСЦ).
Според претходните неофицијални најави, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, на конференцијата би можел да го претстави планот на администрацијата на Трамп за ставање крај на војната во Украина, а шефот на МСЦ, Кристоф Хојсген, изрази надеж дека мировниот проект може да се оформи за време на конференцијата во Минхен.
Како што пренесуваат украинските медиуми, украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе ја предводи делегацијата во Киев на конференцијата, планира да го проучи предлогот и да даде одговор во петок, кога на маргините на средбата ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.