Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Белата куќа беше пречекан од американскиот претседател Доналд Трамп, со што стана првиот странски лидер што го посети Вашингтон по објавата на Трамп за нови царини кон повеќе земји.
Не е познато дали со оваа посета Нетанјаху ќе успее да издејствува намалување или укинување на царините за израелски производи, но состанокот може да отвори врата за слични дипломатски обиди од страна на други лидери.
Трамп го пречека Нетанјаху пред влезот на Белата куќа со цврсто ракување, игнорирајќи ги прашањата на новинарите за падот на глобалните берзи и за царините кон Израел.
Кратко пред средбата, Белата куќа соопшти дека заедничката прес-конференција на двајцата лидери е откажана. Причината за откажувањето не беше наведена, но се очекуваше Трамп и Нетанјаху да дадат изјави на почетокот на нивната средба во Овалната соба.