Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека подготвува средба со претседателот на Русија, Владимир Путин, со цел да се стави крај на војната во Украина.
„Тој сака да се сретнеме и подготовките се во тек“, рече Трамп вчера пред средбата со републиканските гувернери во неговата резиденција Мар-а-Ларго во Палм Бич, Флорида.
„Претседателот Путин сака да се сретнеме, дури и јавно го кажа тоа, и ние треба да ставиме крај на оваа војна“, рече Трамп. Тој не даде временска рамка за таа средба.
На својата прес-конференција на 19 декември минатата година, Путин рече дека е подготвен да се сретне со Трамп „во секое време“.
Руската новинска агенција ТАСС вчера ја пренесе изјавата на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека САД се уште официјално не побарале средба.
Трамп вети дека ќе преговара за крај на војната во Украина веднаш штом ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и изрази скептицизам за американската воена и финансиска посета на Киев.
Европејците и особено Украинците стравуваат дека тој би можел да го принуди Киев да направи големи отстапки и да ја признае геополитичката победа на Кремљ.
За време на претседателствувањето на Џо Бајден, САД беа главниот поддржувач на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и ѝ обезбедија воена помош од повеќе од 65 милијарди долари.