Трамп рече дека телевизиските мрежи што му се спротивставуваат „можеби“ ќе ја изгубат лиценцата

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека некои телевизиски мрежи би можеле да останат без лиценца, по контроверзиите околу суспензијата на познатиот ТВ водител Џими Кимел од страна на ABC.

Кимел беше суспендиран откако направи коментари за осомничениот убиец на Чарли Керк, посочувајќи дека „Мага групата“ – симпатизерите на Трамп – се обидуваат да го претстават напаѓачот како нешто поинакво од „еден од нив“.

„Ова е очигледна цензура. Со автократ не можеш да попуштиш ниту малку,“ реагираше неговиот колега Стивен Колберт во своето шоу на CBS.

Трамп, пак, од „Ер форс уан“ им порача на новинарите:
„Мрежите се 97% против мене, а сепак победив лесно. Добија лиценци, но можеби треба да размислиме дали тие лиценци треба да останат.“

Од FCC (Федералната комисија за комуникации), претседателот Брендан Кар го осуди Кимел и порача дека ако мрежите не го сменат своето однесување, ќе следат построги мерки.

Во меѓувреме, големи медиумски куќи како Nexstar Media и Sinclair, сопственици на десетици локални телевизии, одбија да го емитуваат шоуто на Кимел. Nexstar дури најави дека во терминот ќе прикаже специјална програма посветена на починатиот Керк.

Чарли Керк, 31-годишен политички сојузник на Трамп, беше убиен на 10 септември за време на настап во Универзитетот во Јута. Обвинителството против 22-годишниот осомничен ќе бара смртна казна.

Правни експерти предупредуваат дека, според Првиот амандман на американскиот Устав, политички несогласувања не смеат да бидат причина за одземање на медиумски лиценци, што ја отвора дилемата дали администрацијата навистина може да оди чекор понатаму.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.