Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ги обнови преговорите за контрола на нуклеарното вооружување со Русија и Кина и дека се надева дека трите земји на крајот би можеле да постигнат договор за намалување на нивните воени буџети за половина.
Трамп вчера пред новинарите во Белата куќа изјави дека не гледа потреба од создавање ново нуклеарно оружје, бидејќи САД веќе имаат голем арсенал, истакнувајќи дека сите три земји би можеле да заштедат огромни средства кои би можеле да се искористат за попродуктивни цели, објави Ројтерс.
„Немаме причина да правиме ново нуклеарно оружје, веќе имаме толку многу. Можеме да го уништиме светот 50 пати, 100 пати. И сега градиме ново нуклеарно оружје, додека тие (Русија и Кина) исто така градат свое“, рече Трамп.
Тој предвиде дека Кина наскоро ќе ги достигне можностите на САД и Русија кога станува збор за нуклеарното оружје, веројатно во рок од пет до шест години.
Трамп рече дека би сакал да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и со рускиот претседател Владимир Путин за да започнат разговори за намалување на воените буџети.
За време на неговиот прв мандат, Трамп се обиде, но не успеа, да ја вклучи Кина во преговорите за намалување на нуклеарното оружје, додека САД и Русија преговараа за продолжување на меѓународниот договор за намалување на нуклеарното оружје меѓу двете земји, „НОВ СТАРТ“, пренесува Танјуг.