Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, порача дека е подготвен да одобри воени напади на територијата на Мексико доколку тоа биде потребно за да се запре криумчарењето на дрога во САД. Изјавата ја даде вчера во Белата куќа, пренесува Hill.
„Дали би наредил напади на Мексико за да ја запреме дрогата? За мене тоа е во ред. Што и да треба да направиме за да го сопреме наркотиците. Го набљудував Мексико Сити за време на викендот. Таму има сериозни проблеми“, рече Трамп.
На новинарско прашање дали би барал дозвола од мексиканската влада за евентуалните напади, Трамп не сакаше директно да одговори, но порача дека е во контакт со властите во Мексико Сити.
„Тие знаат каков е мојот став“, додаде тој.
План за испраќање војска и разузнавачи
Американскиот претседател најави дека ќе се обрати до Конгресот за да добие одобрение за евентуални операции и изрази уверување дека таквите потези би добиле поддршка од двете политички страни.
Во меѓувреме, NBC претходно овој месец објави дека администрацијата планира да испрати американски разузнавачки офицери и војници во Мексико во мисија за борба против нарко-картелите. Разговорите за обемот на операцијата сè уште траат, а конечна одлука не е донесена.
Рекордни заплени и постојни операции
Американската крајбрежна стража на 6 ноември соопшти дека во фискалната 2025 година запленила речиси 231.000 килограми кокаин во Карибите и источниот Пацифик.
Истовремено, американската војска веќе спроведува операции против наводни криумчарски пловила во регионот. Досега се уништени 21 пловило, при што загинале најмалку 83 лица, кои администрацијата ги нарекува „нарко-терористи“.
Можна цел – Колумбија?
Стејт департментот во февруари ги означи шест мексикански картели, како и венецуелската банда „Трен де Арагуа“ и MS-13, како странски терористички организации. Трамп во изјавата дополнително ја наговести и можноста за напади врз фабрики за кокаин во Колумбија.
„Колумбија има фабрики за кокаин. Дали би ги уништил? Би ми била чест тоа лично да го направам. Не реков дека ќе го сторам тоа, но би ми била чест, затоа што така би спасиле милиони животи“, порача Трамп.
Ваквите пораки предизвикаа бран реакции во регионот, а аналитичарите предупредуваат дека евентуалните еднострани американски напади би можеле сериозно да ги нарушат односите во Латинска Америка и да го отворат прашањето за меѓународното право.