Односите меѓу САД и Иран влегуваат во нова фаза на заострување, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати остри закани поврзани со Ормускиот теснец.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека доколку Иран не дозволи отворање на теснецот, САД би можеле да извршат напади врз клучна инфраструктура, вклучително електрани и мостови. Тој дури најави и конкретен рок, нагласувајќи дека Техеран има ограничено време за постигнување договор.
Претходно, американскиот претседател спомена и 48-часовен ултиматум, предупредувајќи на сериозни последици доколку барањата не бидат исполнети. Во ист контекст, информираше дека американската војска извела спасувачка операција за пилот на борбен авион Ф-15, кој бил соборен од иранската противвоздушна одбрана, при што пилотот бил тешко повреден.
Иранската страна одговори со ироничен тон преку дипломатски канали. Амбасадата на Иран во Зимбабве на социјалните мрежи објави дека „ги изгубиле клучевите“ од Ормускиот теснец, алудирајќи на барањата од Вашингтон.
Во дополнителни реакции, ирански дипломати го критикуваа стилот на комуникација на Трамп, посочувајќи дека од еден претседател се очекува повнимателен и достоинствен јавен настап, особено во услови на меѓународни тензии. Амбасадата на Иран во Бугарија, пак, сподели и карикатура како одговор на неговите изјави.