Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешните пратенички прашања во Собранието укажа дека сè уште не се доставени измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита, со кои требаше да се зголеми износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост.
Тренчевска посочи дека амандманот за зголемување на надоместокот беше прифатен со ребалансот на Буџетот во јули 2025 година, но до денеска, 27 ноември, зголемување не е реализирано, ниту се доставени потребните законски измени до Собранието.
„На едно од моите претходни прашања, министерството одговори дека зголемувањето на надоместокот за попреченост за 15% и на посебниот додаток за деца со попреченост за 10% ќе важи од септември 2025 година. Септември помина, сега сме крај на ноември, а зголемување нема“, истакна Тренчевска.
Таа упати директно прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кога ќе се донесат измените на законите и дали ќе има зголемување во 2026 година на сите права од детска и социјална заштита, посочувајќи дека средствата за овие надоместоци во буџетот за 2026 година се намалени за близу 2 милијарди денари.
„Заменик-министер, им ја убивте надежта на лицата со попреченост дека ќе имаат поголем приход во семејството. Си поигравте со нив пред изборите, ветувајќи им зголемување на надоместоците, а сега ветувањето не е исполнето“, рече Тренчевска.
Пратеничката потенцираше дека граѓаните очекуваат конкретен рок за доставување на законските измени и реализација на ветените надоместоци.