Синдикалната минимална кошница не е само статистика, туку реална слика за тоа колку е поскапен животот во Македонија, порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk. Тој остро ја критикуваше најавата на Владата за промена на методологијата за пресметка на кошницата, оценувајќи го тоа како обид вештачки да се прикаже дека платите во земјава се доволни за добар живот.
„Владата, наместо да се бави со зголемување на платите, се бави со тоа како да им покаже на работниците дека им се потребни помалку пари. Тие сакаат да ја намалат вредноста на кошницата за 20 отсто само за да кажат дека минималецот е добар. Ако функционерите сметаат дека со тие пари може да се преживее, зошто ниту еден од нив не ја прифати нашата иницијатива да живее на минималец?“, запраша Трендафилов.
Тој посочи дека само во делот на храна и пијалаци, цените се зголемени за илјадници денари за само еден месец, а владините претставници тоа не го чувствуваат поради нивните енормно високи плати. Трендафилов потсети дека во синдикалната кошница се пресметани само 63 основни производи, додека во неа недостасуваат реалните трошоци за облека, лекување или барем еден скромни ручек за семејството во текот на месецот.
Во однос на поплаките од бизнис-секторот дека минималната плата од 600 евра ќе стави „катанец“ на фирмите, првиот човек на ССМ одговори со јазикот на аргументите.
„Паѓаат маските на газдите. Податоците од Управата за јавни приходи и Централниот регистар покажуваат дека работодавачите генерираат огромни профити, а на секоја една затворена компанија се отвараат две нови. Бројот на вработени не се намалува, туку работниците само бегаат од газдите кои не плаќаат кај оние што го вреднуваат нивниот труд“, истакна тој.
Трендафилов се повика и на податоци од Народната банка, според кои секој вработен му генерира на својот работодавач нето добивка од 5.000 до 10.000 евра.
„Народски кажано, ние со нашиот труд им ги купуваме џиповите, становите и викендиците на море. Им креираме плати за нив, а сега е време да ги избориме и нашите достоинствени плати“, заклучи претседателот на ССМ.