Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска со остра реакција на социјалните мрежи обвини дека се навредува интелигенцијата на работниците, тврдејќи дека тие се далеку попродуктивни отколку што се платени за својот труд.
Според неговата анализа, македонските работници имаат „мизерни плати“, иако со својата работа создаваат вредност која покрива многу повеќе од нивните лични примања.
„Ваквите податоци покажуваат дека еден работник е толку многу продуктивен што си ја заработува својата плата, ги заработува платите на директорите и менаџерите, заработува за џип и стан за газдата, заработува за инвестициите на газдата и на газдата му заработува уште околу едногодишна работничка плата“, напиша Трендафилов.
Тој ја илустрираше поентата дека работникот, освен што ги покрива сите трошоци на компанијата, на сопственикот му остварува и екстра профит во висина на една просечна годишна минимална плата.
Својата објава претседателот на ССМ ја завршува со саркастична забелешка упатена до оние кои, како што вели, се прават дека веруваат во спротивното.