Трет ден се уште не е познато каде се наоѓа судијата Ѓоко Ристов, кај кој беа пронајдени 350.000 евра воѕидани во ѕидот на неговата семејна куќа во Неготино.
Ниту Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), ниту Министерството за внатрешни работи не даваат информации за моменталната локација на судијата или за мерките што би можеле да се преземат против него.
Ристов минатата недела заминал на боледување во Апелациониот суд – Скопје, по што неговите колеги повеќе не го виделе.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција само потврдуваат дека постапката се водела со месеци, истакнувајќи дека станува збор за сложена и обемна истрага која сè уште е во тек.

