Трет случај на заболен од западнонилска треска во Македонија

Трет случај на заразен со вирусот западнонилска треска во Македонија регистрираше Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Се заразила 60-годишна жена од Тетово, која негира дека била на патувања надвор од Македонија, како и надвор од местото на живеење во период на инкубација.

Заразената забележала каснувања на комарци 15 денови пред почетокот на првите симптоми. Од ИЈЗ велат дека пријавата била на 22 август.

Во соопштението од ИЈЗ се наведува дека првичните симптоми кај пациентката почнале на 13 август и таа имала малаксаност и општа слабост. Со овие симптоми пациентката се јавила на матичен лекар каде што и била дадена терапија. Два дена подоцна кај пациентката се појавила конфузност и дезориентираност и била препратена во Клиничката болница во Тетово каде што била забележана покачена температура и треска по што и била дадена соодветна терапија.

-Пациентката на 19 август, поради се уште истата состојба, со сомнение за менингитис, била испратена на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Таму биле земени примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители, а со испитувањата било потврдено заболувањето западнонилска треска, велат од ИЈЗ и додаваат дека пациентката е се уште хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје.