Грчките пожарникари денес се борат со пожари во близина на Атина и во други делови на земјата, додека оваа медитеранска земја е зафатена од третиот топлотен бран ова лето, а некои населени места веќе се евакуирани.
Се случиле експлозии и се издигнале огромни облаци чад над селото Дросопигија, сместено 25 километри северно од Атина, каде што има фабрики со запаливи материјали. Хеликоптери истурале вода врз областа додека 65 пожарникари со помош на 26 возила и два авиона се бореле со пламенот.
Пожарот зафатил две куќи, според државната телевизија ЕРТ, додека властите им наложиле на жителите на блиското село Крионерија да се упатат кон Атина.
Температури до 44 степени и силни ветрови
Грчката метеоролошка служба соопшти дека денес температурите ќе достигнат до 44 степени Целзиусови.
На островот Евиа, 115 пожарникари и 24 возила се вклучени во гаснење на пожарот, со поддршка од шест авиони и седум хеликоптери, но нивните напори ги отежнуваат силните ветрови. На некои жители на островот им било препорачано да бидат подготвени за евентуална евакуација.
Пожарот на Евиа е последен во низата шумски пожари кои овој месец се предизвикани од силните ветрови и сувото време.
Евакуации и состојба на висока готовност
На островот Китера, властите ги евакуирале селата Аронијадику, Питсинадес и Ариој. Во областа Месинија, западно од Атина, жителите на селата Крионерија и Селаса исто така добиле наредба да го напуштат подрачјето.
Овие места се наоѓаат на списокот на грчки региони ставени во состојба на висока готовност поради рекордните температури и силните ветрови.
Туризмот е клучен извор на приходи во Грција, а пожарите беснеат уште од почетокот на главната летна сезона во почетокот на јули.
Грција и другите медитерански земји се наоѓаат во подрачје што научниците го нарекуваат „жариште на шумски пожари“, каде пожари се чести во текот на жешките и суви лета. Во последните години, тие станале поразорни поради брзите климатски промени, што предизвикува сè поголеми повици за нов пристап.
