Трговците на мало, без разлика дали се мали, средни и големи да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Ова го налага Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите што денеска го разгледа собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Според законските измени, од ваквата обврска се ослободени микротрговците и трговците-поединци.
Како што беше речено на комисиската седница, со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди транспарентност (потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информациите за цените), фер конкуренција (трговците ќе бидат подеднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби) и заштита на потрошувачите (тие ќе бидат заштитени од нефер практики, како што се скриени трошоци или нејасни цени).
– Како владејачко мнозинство ќе интервенираме за заштита на граѓаните по моделите на повеќе држави како Израел, Франција, а од неодамна и Хрватска. Ќе наметнеме обврска сите мали, средни и големи трговци да креираат веб страница на која ќе ја наведуваат цената на производите за секој нивен маркет на дневно ниво, а Државниот пазарен инспекторат по иста основа да казнува ако тоа не го направат. Сакаме да ги зголемиме транспарентноста и конкурентноста, но и на граѓаните да им помогнеме полесно да одлучуваат каде ќе ги трошат своите пари, нагласи Бојан Стојановски, претседател на Комисијата и еден од предлагачите на законот.
Целта на Предлог-законот, се наведува во образложението, е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за нивна подобра информираност за цените на производите и за олеснување на споредливоста на цените.
Исто така, ќе се осигура транспарентноста во однос на потрошувачите и ќе се спречи нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот. Ваквото законско решение се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници кои ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало.
Многу е важно, се додава, информирањето на потрошувачите за цените на стоките и услугите преку нивно правилно означување од страна на трговецот. Продажната и единична цена треба да бидат јасно означени на видлив и читлив начин за потрошувачот да има подобра прегледност и споредливост на цените.