Македонија

Три исчезнати лица за еден месец, граѓаните вознемирени – МВР смирува

На 64 лица им се изгубила секоја трага и се водат како исчезнати. Шеесет и пет годишниот Абдул Алибен од Скопје е последниот кој фигурира на сајтот на МВР како исчезнато лице. Последен пат е виден на први февруари. Најстариот случај, кој е регистриран датира од 1999 година. Сали Салиу од Теарце 20 години на интернет страницата на министерството се води како исчезнато лице.

Минатата недела исчезна жена од Драчево, а нејзиното безживотно тело беше извадено од водите на реката Вардар. Најновиот, последен случај е исчезнувањето на Горан Атанасовски од Скопје, чие тело беше пронајдено во Нерези.

Утрово во Волково е пронајдено е безживотно тело на дваесет и девет годишна скопјанка. Од МВР велат дека не се пронајдени траги на насилство.

„На местото излегле полициски службеници и било констатирано дека се работи за лицето М.Ѓ (29) од Скопје, а смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош“, велат од МВР.

Во изминатите неколку месеци, регистрирани се неколку вакви случаи. Преку социјалните мрежи, намерно или не, се шири хистерија и паника. Министерот за внатрешни работи вели граѓаните не треба да бидат загрижени за нивната безбедност.

„Граѓаните не треба да бидат загрижени во однос на безбедноста. Бројот на исчезнати лица се намалува постојано. Оваа година е помал од тоа што било предходно. Ефикасноста на пронаоѓање на исчезнатите лица по пријава се некаде околу 94%. Јас апелирам на одговорен однос и одговорен пристап затоа што најлесно е да седите пред компјутер и да пишете нешто на социјалните мрежи што ќе ги вознемирува уште повеќе граѓаните на РМ“, изјави Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.

Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018 покажуваат дека од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1876 лица. Тоа значи дека не се пронајдени вкупно 132 лица.

Од обвинителството велат дека нивните обвинители за последните случаи биле на терен и ги чекаат резултатите од обдукцијата на пронајдените тела.

РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни