Денеска во Париз ќе се одржат три митинзи – еден на иницијатива на поранешниот премиер Габриел Атала во име на партијата „Преродба“, вториот на повик на партијата Национално собирање (РН) против осудата на лидерката на оваа крајно десничарска партија, Марин Ле Пен, додека третиот митинг ќе биде во организација на младинските групи, левичарската партија Непокорена Франција и Зелените, во знак на противење на екстремната десница, јавува телевизијата БФМ.
Додека претседателската коалиција одамна го најави своето собирање, РН повика на „мирно народно собрание“ по осудата оваа недела на Марин Ле Пен во случајот против помошниците на европските пратеници, а како одговор на тоа, младинските организации, како и Непокорена Франција и Зелените ќе се соберат денес на Плоштадот на Републиката во француската престолнина. РН закажал митинг кој ќе започне во 15 часот во 7. арондисман, а на присутните, како што е најавено, ќе им се обрати претседателот на партијата Жордан Бардела и Марин Ле Пен, која во оваа прилика најави дека сигналот што ќе го испрати ќе биде „мирен и демократски“.
Партијата „Преродба“ својот митинг, најавен уште во февруари, го организира во Филмскиот град во Сен-Сен-Дени, со цел да „собере активисти кои работат на теренот веќе месеци“.
„На митингот ќе порачаме дека го почитуваме Републиката и нејзините вредности“, изјави пратеникот на оваа партија Кристоф Марион.
БФМ наведува дека Атала, поранешен премиер, кој сега е генерален секретар на партијата, како што се очекува, ќе го изнесе својот став за наредните претседателски избори и евентуалната кандидатура, како и ќе реагира на пораките на Марин Ле Пен и раководството на нејзината партија по судската осуда против неа.
На пораките на Ле Пен и РН, како што најавија, ќе реагираат и младинските организации како што се Синдикатот на гимназиите, Студентската унија и Младата гарда, кои повикаа на собир денес во 13 часот на Плоштадот на Републиката „против екстремната десница и за Републиката“, а Зелените и Непокорената Франција најавија дека исто така ќе се одазват на повикот и ќе присуствуваат на митингот, додека Социјалистичката партија не ја прифати поканата да се придружи на митингот. Марин Ле Пен оваа недела беше осудена на четири години затвор и исто така ѝ е забрането да се занимава со политика во следните пет години, а партијата Национално собирање го нарече тоа „тиранија на судиите“.