Три земјотреси за 20 минути во близина на Санторини

Во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос денеска беа забележани три последователни земјотреси за период од само 20 минути. Првиот земјотрес беше со јачина од 4 степени, следен од вториот со јачина од 4,3, а третиот достигна 4,9 степени според Рихтер. Паралелно со овие земјотреси, се регистрираа и повеќе помали потреси од околу 3 степени. Во текот на синоќешните часови беа забележани и други земјотреси со јачина над 4 степени, при што најсилниот беше со интензитет од 5 степени.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, во изјава на денешниот редовен брифинг со новинарите, нагласи дека поради зголемената сеизмичка активност во регионот, цивилната заштита останува во состојба на готовност и активно ги следи настаните. Тој додаде дека владата презема соодветни превентивни мерки, при што постојано се консултира со експертите за следење на ситуацијата.

Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, Костас Папазахос, во утринската емисија на грчката телевизија ЕРТ, истакна дека земјотресите во оваа област можат да продолжат со недели или дури месеци, и дека не се очекува брза промена на ситуацијата.

Поради зголемената сеизмичка активност, училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи остануваат затворени и оваа недела. Оваа одлука е донесена од страна на Комисијата за проценка на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното