Македонија

Трибината многу мала за навивачите на Чаир, Ала: Ветувањето не го заборавивме, во април почнуваат градежните работи

Сите патишта за навивачите на фудбал денеска водеа кон Чаир каде се одигра натпреварот меѓу Шкупи и Шкендија.

Навивачите дојдоа предвреме за да фатат место на трибините. Но поголемиот дел од нив иако платија билет, останаа на нозе а некои од нив седеа на скалите.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, пред изборите вети дека ќе се залага за реконструкција на постоечката и за изградба на нова трибина. Во “Договорот“ на Ганиу за Чаир, пишуваше дека со градењето на нова трибина, ќе се зголеми бројот на публиката.

Портпаролот на општина Чаир, Куштрим Ала, во врска со даденото ветување, рече дека тие не заборавиле на ветеното и дека навивачите и фудбалските екипи заслужуваат повеќе.

„Проектот е подготвен и истиот е дел од буџетот на УЕФА, за 2019 година. Градоначалникот, Висар Ганиу и вршителот на должноста на Претседател на ФФМ, имале интензивни средби за ова прашање и дефинитивно се очекува сите градежни работи да започнат во април годинава. Овие навивачи кои на секој натпревар создаваат жестока атмосфера, максимално ги поддржуваат нивните играчи, навистина заслужуваат уште една трибина“, изјави Куштрим Ала, портпарол на општина Чаир.

 Некои од навивачите не прифатија да зборуваат пред камера, но велат дека треба да има уште една трибина. Тие очекуваат дека Ганиу нема да ги заборави ветувањата.

Инаку , стадионот во Чаир има капацитет за 5.000 навивачи, а денеска беа присутни 8.000 навивачи. Победник на натпреварот е Шкупи со голот на Мухарем Бајрами, со 1:0 против Шкендија.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни