Грчките медиуми на големо пишуваат дека министерката за култура Мирсини Зорба предложила размена на споменици помеѓу Скопје и Атина. Наводно на средбата со авторот на споменикот „Тркач“ поставен во Атина, Костас Вароцос било разговарано ова негово дело да биде заменето со споменикот „Воин на коњ“ поставен во центарот на Скопје. Вароцос, не открива повеќе детали од разговорт со министерката, иако за грчките медиуми потврдил дека имало таква идеја.
Од друга страна, министерката за култура на Грција, Мирсини Зорба вели дека таков предлог не бил дискутиран.
„Јас имам други приоритети, а можноста за размена на споменици или промени на табли припаѓаат на надлежностите на други министерства. Жал ми е за вревата и моралната паника што некои побрзаа да ја демонстрираат“ – Мирсини Зорба, министерка за култура на Грција.
Од Владата на Северна Македонија со појаснување. Наскоро ќе бидат поставени табли на сите споменици на кои ќе пишува во кој период на историјата припаѓаат.
„Според договорот во наредниот период сите споменици кои припаѓаат на Хеленската историја ќе бидат означени како такви. Во моментов не постои друга иницијатива во Владата на Република Северна Македонија“ – Влада на РСМ.
„Александaр македонски нема да биде преместен од плоштадот Македонија, но според Преспанскиот договор во наредните денови ќе се ставаат натписи на спомениците. На „Воин на коњ”ќе се додаде опис дека припаѓа на хеленска историја“, Арбана Ќ. Климента, репортер на ТВ21.
Според Договорот од Преспа не е предвидена дислокација на спомениците. Но, треба да се преиспита нивниот статус, статусот на јавните згради и инфраструктури и доколку тие на кој било начин се однесуваат на античката историја на Грција и на цивилизацијата што претставува интегрален дел од историското или културното наследство, треба да се преземат соодветни корективни мерки.