Македонија

Царинската Управа доби Повелба за фундаментален придонес во заштитата и развојот на општеството

Царинската Управа доби Повелба за фундаментален придонес во заштитата и развојот на општеството

Претседателот на државата Стево Пендаровски и додели на Царинската управа Повелба за 30 години фундаментален и непроценлив придонес во заштитата на општеството и осовремeнувањето и развојот на економијата, притоа застапувајќи ги и остварувајќи ги финансиските интереси на државата и на граѓаните на државата.

Во име на Царинската управа, Повелбата ја прими директорката, Славица Кутиров, а во присуство на највисокиот државен врв, вработените како и поранешните директори на управата.

Директорката во оваа прилика, на претседателот му го врачи првиот примерок од публикацијата „Mонографија, 1992 – 2022“, издадена по повод јубилејот 30 години постоење на Царинската управа.

„Oсобено сакам да ја истакнам улогата на царинските службеници во борбата против криминалот како еден од главните предизвици на Царинската управа во градењето сигурно и безбедно општество. Во соработка со другите надлежни институции, последните години забележан е пораст на случаите на откривање, заплени и спречување на обиди за тргување со недозволени стоки. Од своите скромни почетоци по осамостојувањето, Царинската управа прерасна во технолошки напреден сервис на граѓаните, на деловната заедница и државата во целина. Денес таа е лидер на промените во регионот, со континуирано усвојување на највисоките европски стандарди и практики во работењето“, истакна претседателот Пендаровски.

Директорката Кутиров истакна дека во овие 30 години со многу труд и посветеност, се поставени темелите и столбовите на институцијата, при што доследни на својата мисија и визија управата е подготвена за остварување на поставените цели.

„Остануваме посветени на ефикасната наплата на приходите, безбедноста на границите и заштита на граѓаните и општеството, како и на процесот на пристапување кон ЕУ. Воведуваме мерки за поддршка и олеснување на легалната трговија, ги дигитализираме царинските постапки и први во регионот се вклучуваме во меѓународните иницијативи и системи за обезбедување на брз и непречен прекуграничен проток на стоките, со што даваме придонес во подобрување на конкурентноста на нашите компании“, истакна Кутиров.

Директорката Кутиров се заблагодари на безрезервната поддршка на Владата, на Министерството за финансии како институција во чиј состав е управата како и на континуираната поддршка од страна на ЕУ, САД, Обединетото Кралство, Царинската служба на Јужна Кореа, меѓународните институции како Светска Банка, Светска царинска организација, ОБСЕ, Канцеларијата на обединетите нации за дрога и криминал – UNODC, и на бизнис заедницата како партнер во развојот на Царината.

Особена благодарност директорката Кутиров упатидо вработените и поранешните директори на управата „кои изминативе 30 години оставија свој значен белег во развојот и напредокот на службата“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни