По воведувањето на измените во Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), „Пошта на Северна Македонија“ соопшти дека се соочува со забавување при обработката и царинските прегледи на пратките поради новите законски обврски. Од 18 декември минатата година, се укина ослободувањето од ДДВ за онлајн-пратки со вредност до 22 евра, што значи дека сите пратки мора да минуваат низ царинска контрола за утврдување на данокот.
„Пошта на Северна Македонија“ информира дека заедно со Царинската управа работи на изнаоѓање на решение за забрзување на царинските формалности и побрза достава до примачите, при што апелира до граѓаните за трпение и разбирање додека се имплементираат новите процедури.
Министерството за финансии претходно посочи дека измените во Законот за ДДВ имаат за цел да ја стимулираат домашната економија и работењето на локалните компании. Со укинување на ослободувањето од ДДВ, речиси 4 милиони денари месечно кои претходно оделе кон странските онлајн-платформи ќе се пренасочат кон домашните стопански субјекти. Овие средства, според Министерството, ќе помогнат во развојот на локалниот бизнис, создавање нови работни места и подобрување на платите на вработените.
Исто така, новиот систем има за цел да ја намали сивата економија. Претходниот модел овозможуваше злоупотреби, како увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Со новите законски решенија, се овозможува фер и контролирана пазарна средина, со почитување на законските обврски на увозниците.
Во регистарот на лиценци на Агенцијата за пошти се евидентирани 29 компании, при што „Пошта на РСМ“ е единствената со индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга, додека останатите работат на основа на општо овластување.
