Македонија

Цените на производите во новогодишната кошница намалени за 10%

Цените на производите во новогодишната кошница намалени за 10%

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска по посетата на неколку маркети во Скопје, изрази задоволство од напредокот на акцијата за намалување на цените на производите во рамките на новогодишната кошница. Според него, цените на производите, кои започнаа со акцијата на 15. декември, се намалени за 10% и повеќе во однос на претходната цена.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојаноски, информираше дека инспекторите регистрирале само неколку ситни забелешки, главно во однос на правилното означување на производите и мали корекции на цените од страна на два-три трговци. Меѓутоа, не е забележано никакво отстапување од договореното намалување на цените за 10% во споредба со најниската цена во последните 30 дена.

Министерот Дурмиши истакна дека акцијата има успешен старт, при што бројот на производи во рамките на новогодишната кошница веќе надминува 1.100, што е значителен пораст во однос на почетните 600. Тој додаде дека оваа акција е поддржана од 95 трговци и 42 ланци на маркети, што ја прави достапна за широк круг потрошувачи.

„Ме радува што на само неколку дена по започнувањето на акцијата, бројот на производи кои учествуваат во кампањата значително порасна и сега надминува 1.100. Ова покажува дека трговците и дистрибутерите се подготвени да се вклучат во акцијата и да го поддржат намалувањето на цените за доброто на потрошувачите“, изјави Дурмиши.

Министерот најави дека акцијата ќе продолжи и дека ќе се следи од страна на Државниот пазарен инспекторат за да се осигура дека сите услови се исполнети и дека ќе продолжи успешно да се реализира.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни