ЦЕНЗУРА ВО ЛЕРИН: Градоначалникот ја забрани „Софка на татко“ – може музика, но не и македонски зборови

Скандал ја одбележа празничната прослава на Коледе во Лерин (Флорина). Традиционалната веселба беше прекината од политиката, откако градоначалникот Василеос Гианакис директно интервенираше да се забрани пеење на македонски јазик.

Инцидентот се случил за време на настапот на музичкиот бенд „Ендопика“. Додека музичарите се подготвувале да ја изведат познатата македонска народна песна „Софка на татко“, добиле „ладен туш“ од градските власти. Им било јасно укажано:

Се вчитува...
  • Забрането е пеење на македонски јазик.
  • Песната смее да се изведе исклучиво инструментално.

Оваа директива го претворила културниот настан во демонстрација на моќ и цензура врз македонското малцинство.

Васкопулос: Ова не е ново, нè нарекуваат „скопски агенти“

За активистот за правата на Македонците во Грција, Павле Васкопулос, овој чин не е изненадување, туку продолжување на долгогодишната практика на заплашување.

„Ваквите случаи на притисок и дискриминација не се новина за Македонците во Леринско, Костурско и Воденско. Граѓаните кои јавно зборуваат за своите права и јазик често се етикетирани како ’скопски агенти’ и се соочуваат со стигматизација“, предупредува Васкопулос.

Општина Лерин молчи

Медиумите (ТВ 24) се обидоа да добијат официјален став и објаснување од Општина Лерин за потегот на градоначалникот Гианакис, но до овој момент, грчките локални власти одбиваат да коментираат зошто една песна предизвикува толкав страв и забрани во 21-от век.